Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пресече канал за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и организирано криумчарење мигранти

Скопје, 03 Октомври 2017

Во текот на денешниот ден, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведе координирана акција со Министерството за внатрешни работи на подрачјето на Скопје, Велес и Тетово. Преземени се дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР против шест лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, Криумчарење мигранти по член 418-б и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик.

Организираната криминална група во периодот од април до септември годинава, вршела неовластено организирање, купување заради продажба и пренесување на 146 кг наркотична дрога марихуана, како и криумчарење мигранти низ територијата на Република Македонија од границата со Република Грција кон Република Србија.

Против сите шест лица надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка и до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Предлог за определување мерка притвор.

34 total views, no views today

Формирана привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности на локалните избори

Скопје, 03 Октомври 2017

Јавното обвинителство на Република Македонија, во рамки на своите надлежности, а во насока на претстојното спроведување на локалните избори закажани за 15 октомври 2017 година, формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности.

2

Задача на комисијата е да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Членови на комисијата се:

- Наталија Тасевска, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје

- Димче Пажески, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола

- Анита Поп Методиева, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип

- Вјолца Елмази, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар

- Наташа Гоџоска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје

Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите  дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

1Целта на Јавното обвинителство на Република Македонија е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и да се даде поголем придонес кон сузбивањето и превенирањето на изборните нерегуларности.

Во таа насока, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk“, изјави денеска претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

39 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје ја прошири истрагата за еден од осомничените за случувањата во Собранието на Република Македонија

Скопје, 29 Септември 2017

Во текот на вчерашниот ден Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка поднесе предлог за определување на мерката Притвор за осомничениот по сите основи и тоа: поради постоење на опасност од бегство, попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.

Предлогот е поднесен бидејќи од досега прибавените докази од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје произлезе дека покрај за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик, постои основано сомнение дека осомничениот преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава.

Поради тоа, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка и за кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл.385 ст.3 од Кривичниот законик, за кое дело пропишана е казна затвор од една до 10 години.

39 total views, no views today

Поднесено обвинение за лицето кое пукаше во поранешен министер за здравство

Скопје, 28 Септември 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје, по завршената истрага, поднесе Обвинителен акт против лицето Љ.С. кое на 01.06.2017 година пукаше во поранешен министер за здравство.

Лицето се товари за две кривични дела – Убиство од член 123 во врска со член 19  и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Заедно со Обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и Предлог за продолжување на мерката – Притвор поради постоење на опасност од бегство на обвинетиот и опасност од извршување на обиденото кривично дело.

39 total views, no views today

Средба на В.Д. Јавниот обвинител на Република Македонија Спасоска со амбасадорката Гловер

Скопје, 28 Септември 2017

В.Д.  Јавен обвинител на Република Македонија Лилјана Спасоска денеска оствари средба со амбасадорката Одри Гловер, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија.

На средбата се разговараше за чекорите што ги презема Јавното обвинителство на Република Македонија во насока на заштита од криминални и други противзаконски дејствија поврзани со процесот на претстојните локални избори, особено од аспект на превентивно делување.

Амбасадорката Гловер ги презентираше и активностите на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со претстојниот изборен процес.

22119887_10156140709289239_649435992_o

34 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар го расветлува нападот во Кичево

Скопје, 28 Септември 2017

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар изврши увид во центарот на Кичево, на местото каде вчеравечер,​ се случи вооружен инцидент во кој се ранети три лица.

Според првичните сознанија до инцидентот дошло кога лицето А.А од зад грб испукало неколку куршуми од пиштол кон А.А и А.Д. При нападот со лесни телесни повреди во пределот на потколеница се здобил и случаен минувач. Поради сериозноста на повредите А.А и А.Д се пренесени на лекување во скопските клиники.

При увидот јавниот обвинител издаде наредби за собирање на траги од лице место, за вештачење, фотографирање и скицирање на местото на настанот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде Наредба за спроведување на истражна постапка за А.А. кој е осомничен дека ги извршил кривичните дела – Убиство во обид од чл.123 ст.3 во врска со чл.19 од Кривичниот законик и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик.

Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд – Гостивар достави Предлог за определување на мерка – притвор за осомничениот.

50 total views, no views today

Побаран притвор за лице осомничено за убиство на свиреп начин

Скопје, 26 Септември 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје издаде Наредба за спроведување на истражна постапка за едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Убиство на свиреп начин. Лицето се сомничи дека е одговорно за пожарот на ливада во с. Љуботен што се случи на 04.08.2017 година. При гаснење на пожарот беше пронајден човечки труп.

По издадените наредби од страна на надлежен јавен обвинител, жртвата е идентификувана. Станува збор за жена за која постојат сомненија дека е лишена од живот на свиреп начин. Согласно Кривичниот законик, за ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Осомниченото лице е приведено и за него од страна на надлежен јавен обвинител е поднесен Предлог за определување на мерка притвор во траење од 30 дена.

43 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар ги истражува причините поради кои починала пронајдената жена

Скопје, 17 Септември 2017

Првичната информација со која започна увидот на лице место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар беше дека е пронајдена жена која настрадала како последица на сообраќајна несреќа. Сведоци виделе возило што го напушта местото на кое веднаш потоа е пронајден трупот.

Извршувајќи го увидот во соработка со увидна екипа, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Со присуство на екипа од крим техника е продолжен увидот и првично е констатирано дека пред ударот од возилото, сега починатата била неколку пати прободена со остар предмет. Во насока на истражување на околностите и трагите на лице место, јавниот обвинител издаде наредби за вршење на обдукција на починатата и за вештачење на трагите на лице место.

Испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на натамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и патарините во насока на пронаоѓање и утврдување на идентитетот на осомничениот. Дејствијата преземени од Основното јавно обвинитлство – Гостивар во насока на расветлување на настанот продолжуваат со цел утврдување на фактите во предметот.

34 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје започна постапка против четири лица за разбојништво

Скопје, 12 Септември 2017

Јавниот обвинител кој постапува во предметот, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за четири лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Настанот за кој се води постапка се случил на 30 август во раните утрински часови, кога четворицата осомничени насилно влегле во просториите на правно лице во населбата Ѓорче Петров. Во групата на осомничени лица е и вработен во правното лице, кој цело време носел фантомка на главата за да не биде препознаен.

Групата осомничени била плански организирана, па додека еден од осомничените бил надвор и внимавал некој да не наиде, останатите тројца упаднале во пријавницата на објектот на правното лице извршувајќи вербален и физички напад на чуварот вработен во фирмата. Со закана од огнено оружје, успеале од чуварот да дознаат каде се клучевите од сефот на фирмата и да му го одземат паричникот и мобилните телефони. Двајца од сторителите се упатиле во просторијата каде се наоѓал сефот на фирмата, но во тој момент добиле дојава од нивниот соизвршител дека кон правното лице се приближува полициско возило. Осомничените се дале во бегство, фрлајќи ги одземените предмети.

Во насока на расветлување на настанот, јавниот обвинител донесе бројни наредби за вештачења, прибирање на траги од лице место и други истражни дејствија. Поради постоење на опасност од бегство на осомничените, како и опасност од влијание на сведоци, обвинителот,  до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје за двајца осомничени кои се лишени од слобода поднесе предлог за определување на мерката – Притвор. Предлогот беше прифатен од страна на судот и со Решение на осомничените им е определена мерка – Притвор во времетраење од 30 дена.

55 total views, 2 views today

Предложен притвор за сторителот на убиството во Црниче

Скопје, 07 Септември 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе предлог за определување на мерката Притвор за лицето кое вчера смртно го рани својот татко. Надлежниот обвинител ценеше дека се исполнети сите законски основи за предлогот и тоа постоење на услови за бегство на осомничениот, за вршење на влијание врз сведоци, а утврдена е и опасност за повторување на делото особено што осомничениот упатувал вербални закани кон друго лице.

Настанот, што го расветлува обвинителството, се случи на 6 септември во 22.00 часот во скопската населба Црниче. Осомничениот на возраст од 41 година, без повод и причина го нападнал и смртно го повредил татко си. Сторителот се качил на вториот кат од семејниот дом каде живеел неговиот татко со сопругата, ја откорнал влезната врата и влегол внатре.  При тоа, со нож го нападнал таткото кој бил тешко подвижно лице нанесувајќи му убодни рани на абдоменот, како и смртоносна рана на градниот кош. Во исто време, осомничениот упатил вербални закани кон сопругата на неговиот татко која успеала да се засолни и за настанот да го алармира соседството. По нападот, осомничениот се дал во бегство. Поради самоповредување подоцна сторителот се јавил во медицинска установа за помош, каде е и лишен од слобода.

Постапувајќи по предметот, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство, сторено при вршење на семејно насилство, од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. За ова кривично дело законот предвидува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Основното јавно обвинителство – Скопје во континуитет презема бројни дејствија со цел расветлување на стореното убиство.

71 total views, 3 views today

« Previous PageNext Page »