Соопштенија

Поднесено обвинение за семејно насилство во Неготино

Основното јавно обвинителство – Кавадарци поднесе обвинителен акт против едно лице на возраст од 18 години во Неготино поради постоење на основано сомнение дека извршило кривично дело Загрозување на сигурноста на неговите родители.

Имено, обвинетиот на 19 јануари се довел во состојба на раздразнетост и вознемиреност со користење на метадон, по што извадил нож со сечиво од 20 сантиметри и на сопствените мајка и татко, со кои живеел заедно, им се заканил дека ќе ги убие.

Обвинетиот подолг период вршел семејно насилство врз своите родители и бил долгогодишен зависник од наркотични средства. Извесен период во 2013 година престојувал и на Клиниката за психијатрија во Скопје, а од стручниот тим на Центарот за социјални работи бил оценет како опасна личност, на кој е потребно да му се изрече мерка Задолжително лекување на алкохоличари и наркомани.

Заради сите овие причини, надлежното обвинителство му предложи на Основниот суд во Неготино за обвинетиот да определи и мерка притвор, а побара и да се изврши претрес во неговиот дом поради основано сомнение дека крие психотропни супстанции кои ги употребува и ги продава.