Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за сторено кривично дело – Даночно затајување

Осомничените се товарат за сторено даночно затајување во периодот 2007 – 2012 година, во својство на сопственици, овластени потписници и управители на четири правни лица – градежни фирми. Имено, во кривичната пријава поднесена од Финансиската полиција се наведува дека по претходен договор и во заедница изготвувале фиктивни завршни сметки и презентирале невистинити податоци пред надлежните органи со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија во значителен износ по основ на даночно затајување.

 Основното јавно обвинителство Скопје, поради основано сомнение за стореното кривично дело донесе Наредба за спроведување истрага против тројцата осомничени и даде насоки за прибирање податоци, како и наредба за вршење на потребното економско – финансиско вештачење од страна на Бирото за вештачење. Извршено е сослушување на едно од лицата, додека останатите двајца осомничени во моментов се недостапни на органите на прогонот.

Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје поднесе предлог за определување на мерка Притвор. По предлогот на обвинителството судот донесе Решение со кое на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.