Соопштенија

СООПШТЕНИЕ

По последните случувања, континуираните објави на снимки, разговори, изјави од страна на повеќето политички партии, како и по нагласеното препукување кое преку медиумите се прави, а е во врска со кривично правни настани за кое надлежните јавни обвинителства веќе постапуваат, деновиве јавното обвинителство нагласено се повикува да даде конечен одговор. Исто така, се повикува на лична и колективна одговорност.

Сметајќи дека со ваквите напади, се нарушува независното работење на јавните обвинители како одговорни за гонење на сторителите на кривичните дела, ја информираме јавноста дека ниту Јавното обвинителство како институција, ниту било кој јавен обвинител нема да дозволат да бидат вклучени во интригите, ниту преку нив да се пресметуваат меѓусебно лицата инволвирани во случувањата, без разлика на причините и мотивите заради кои тоа се прави.

Повторуваме дека надлежните обвинителства и тоа Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство – Скопје, веќе имаат отворено предмети по кои интензивно се постапува. Дел од овие предмети се отворени по кривична пријава поднесена од МВР, дел се отворени по пристигнати кривични пријави од други подносители, а пак дел од предметите се отворени од страна на јавното обвинителство по допрен глас.

Истражната постапка бара преземање на дејствија, внимание и посветеност. Прибирањето на доказите, податоците, релевантните факти е строго законски определен процес, кој за да успешно се финализира изискува неопходно време.

Надлежните обвинители во основните јавни обвинителства кои работат на предметите неможат да излезат со став или изјава пред конечно утврдување на сите фактички и правни прашања поврзани со дадените настани. За таа цел во дoсегашното постапување повикани се подносителите на кривичните пријави, дел од нив се сослушани, побарано е да се достават докази кои би укажувале на основаноста на сомнението за сторени кривични дела, како и во тек е преземање на други дејствија со цел да се соберат известувања и релевантни докази. За еден од осомничените веќе има и правосилна пресуда врз основа на спогодба.

По однос на објавените снимки и други материјали за кои се коментира дека наводно потекнуваат од примена на посебни истражни мерки, надлежните обвинителства издадоа наредби до надлежни органи за преземање мерки и дејствија со цел да се извршат проверки и се соберат известувања дали се работи за делови од истражни мерки или се други материјали, за тоа кој, кога и на кој начин ги објавил материјалите. До надлежните институции дадена е наредба да се отстранат снимките и да се спречат нивните натамошни објавувања. Исто така, се преземаат и активни дејствија за материјалите кои се однесуваат на наводно прислушкувани разговори, а кои се објавуваат од страна на СДСМ.

До расветлување на настаните, несериозно е надлежните обвинителства да даваат нецелосно проверени информации и на тој начин да ги подржуваат шпекулациите и да завземаат страна. Крајно е несериозно да се очекува за било кој предмет, а најмалку за предмети од ваков обем кои како што напомнавме изискуваат неопходно време, дека надлежните обвинители можат да излезат кон јавноста со конкретни информации.

Впрочем јавното обвинителство секогаш истакнува дека јавните обвинители по секоја поднесена кривична пријава, сознание за сторено кривично дело, по проверка на основаноста на сомнението за истите, целосно и независно преземаат дејствија во рамки на своите законски овластувања.

Да потсетиме, дури и кога ќе се расветли вистината, адресата на која се испраќаат со докази поткрепените обвиненија е судот, како инстанца која решава по нив.

Во интерес на вистината која се утврдува, во интерес на независната истрага ослободена од било какви влијанија и притисоци, во интерес на реализирање на целта на постоењето на јавнообвинителската работа, јавното обвинителство неможе и несмее да излезе со паушални наводи, со непроверени информации и со делумно откриени факти.

Токму затоа, неприфатливо е за јавните обвинители како поединци кои работат самостојно, ниту за Jавното обвинителство како инстиуција, нејзиниот авторитет и поставеност да биде неаргументирано и од лични приватни интереси прозвана и повикана на одговорност поради почитување на Кривичниот Законик, Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство која токму како независна, самостојна, тајна и правична ја определува нашата работа.