Соопштенија

Основното јавно обвинителство Струмица една година интензивно работи на хеликоптерската несреќа

Пред точно една година, на 10 јули 2014 година Основното јавно обвинителство Струмица ја започна истрагата за трагичен настан – несреќа на хеликоптер тип МИ 17 В5 со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје . Несреќата беше кобна за четворицата пилоти кои вечерта околу 22.00 часот ги загубија животите.

Во текот на изминатава година, надлежниот обвинител презеде бројни истражни мерки и активности, со цел да се утврдат причините и кривичната одговорност за паѓањето на полицискиот воздухоплов.

Ноќта на 10 јули беше извршен увид на лице место. При тоа, надлежен обвинител издаде наредби:

– за скицирање, фоографирање и снимање на местото на несреќата со беспилотно летало,

– за земање отпечатоци од прсти од четирите тела пронајдени на местото на несреќата,

– за обдукција на четирите тела,

– за вештачење на примероци од урина и крв земени од контролорите на лет вработени во МВР на РМ Скопје,
-за изработка на геодетски елаборат за ситуациијата на местото на несреќата и изработка на теренска скица со премерување,

– за вештачење на системот за светлосно означување на антенскиот столб од среднобранов радиопредавател со висина од 120 метри сопственост на ЈП Македонска радиодифузија Скопје, како и за анализа на електричното напојување и исправноста на сигналните светилки поставени на столб,

– за анализа на траги од боја подигнати на лице место од антенскиот столб и од задната елиса на хеликоптерот,

-за одземање на аудио и видео снимка на случувањата на хеликоптерската несреќа од мобилен телефон на физичко лице и одземање на видео снимките од безбедносни камери поставени на објекти во непосредна близина на местото на несреќата,

– за подигање примероци од уље и горива од главниот редуктор, меѓуредуктор, радијатор за ладење, опашен ротор, носечки ротор, опашен редуктор, ладилник од главен редуктор и страничен резервоар сите од урнатиот хеликоптер заради вештачење.

– за подигање, идентификување, класирање и пакување на сите остатоци од хеликоптерската несреќа, по што  сите остатоци од урнатиот хеликоптер како и остатоците од срушениот антенски столб и ситните остатоци на земја со зафаќање на површински слој од земјата до адекватна длабочина се обезбедени и оставенi на чување во простории на Армијата на Република Македонија.

– за вештачење на мобилни телефонски апарати сопственост на загинатите пилоти пронајдени на местото на несреќата.

Извршени се разговори со претставници на противпожарната служба кои први пристигнале на местото на несреќата како и со повеќe лица очевидци на хеликоптесрката несраќа . Извршени се  разговори и со други лица заради прибирање на потребни известувања.

По поголемиот дел од Наредбите надлежните институции имаат постапено и имаат доставено дел од извештаите. Се очекува пристигнувањето на сите побарани извештаи од издадените Наредби.

По случувањето на хеликоптерската несреќа од Министерството за внатрешни работи беше формирана  Комисијата за истражување на несреќата на хеликоптерот на МВР Скопје тип МИ 17 В5 со регистарска ознака МАП 7712, до која надлежниот обвинител достави Наредба на ден  18 јули 2014 година за преземање на дејствија во насока на утврдување на причините за случената несреќа. Се побара од Комисијата, од ЈП Македонска радиодифузија Скопје да ги прибави Правилник за организација и систематизација со попис и опис на работните места на сите вработени во Јавното претпијатие. Целокупна градежна и употребна документација која се однесува на антенскиот столб на среднобранов предавател лоциран на КП бр. 65 11 место викано Крива река во КО Струмица а особено техничката документација за предметниот антенски столб од денот на техничкиот прием до денот на несреќата посебно делот за снабдување со електрична енергија на системот за одбележување и осветлување на столбот, други записи и технички документи во однос на тоа дали и какви измени се направени во делот на одбележувањето и осветлувањето на антенскиот столб, како и кога последен пат е извршен технички преглед на спомнатиот систем за осветлување или на друг начин негово обележување.

Од Агенција за цивилно воздухопловство на РМ Скопје да се прибават сателитска снимка за ELT од 16 до 23 средно европско време.

Преземени се и десетици други истражни дејствија со цел разоткривање на настанот.

Во присуство на надлежниот основен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, членови на Комисијата за истражување на предметната несреќа и независен експерт извршено е преслушување кроз дешифрирање и анализа на податоци од т.н црни кутии – Регистраторот на податоци на летот (flight data recorder) и преслушување и анализа на Регистраторот на говорот во пилотската кабина на хеликоптерот (voice data recorder) доверено на стручни лица во Меѓудржавниот воздухопловен комитет во Москва, Руска федерација.

На 19 јуни 2015 година од страна на Комисијата е доставен завршен извештај за несреќата на полицискиот воздухоплов во кој се изнесени резултатите од истрагата на несреќата спроведена од страна на Комисијата.

Станува збор за документ во кој на 68 страни сублимирано се дадени наодите и информациите констатирани од Комисијата. Во тек е доставување на материјалите и извештаите, вештачењата кои се побарани од страна на надлежен јавен обвинител и кои биле ценети од страна на Комисијата.

Со оглед на тоа што за лоцирање и утврдување на одговорноста за трагичната хеликоптерска несреќа во која животот го загубија четири лица, на обвинителството му е неопходна целата документација поврзана со настанот, Основното јавно обвинителство Струмица на 26 јуни 2015 година до Комисијата достави писмена Наредба за доставување на целокупната документација врз основа на која е подготвен Извештајот за натамошен тек на истражната постапка.

Во однос на натамошното постапување во надлежното Основно јавно обвинителство Струмица, во однос на расветлување и утврдување на евентуалната кривичната одговорност за падот на хеликоптерот,  потребно е пред се прибавување на целокупната документација која била предмет на анализа на Комисијата за истражување на несреќата. Се очекува пристигнувањето на целокупната документација која  надлежниот обвинител на 25 јуни ја побара со нова наредба до Комисијата. Целокупната документација  во натамошниот период ќе биде предмет на вештачење од страна на независна стручна институција.

Потребното вештачење ќе го вршат лиценцирани вешти лица од областа на воздухопловството. За таа цел, на почетокот на јуни годинава, надлежниот обвинител  испрати барање до Министерството за правда за посочување на лиценцирани вешти лица од областа на воздухопловството во Република Македонија или пак  посочување установа од друга држава која може да го изврши потребното вештачење, согласно Законот за кривична постапка.

Напомнуваме дека во моментов сеуште не може да се говори за кривична одговорност на физичко или правно лице.

Комисијата за испитување на хеликоптерската несреќа ги испитуваше причините за несреќата, без притоа да ја утврдува вината за случениот трагичен настан.

Јавно обвинителската истрага за урнатиот полициски хеликоптер продолжува натаму и интензивно се врши во надлежното обвинителство. Станува збор за обемен материјал и бројни извештаи, наоди, податоци кои треба да се приберат, да се разгледаат и анализираат и потоа да се дадат на вештачење. Јавното обвинителство потенцира дека во следниот период по целосното прибирање на  материјалот побаран со наредба и негова анализа, а по добиениот наод и мислење на вешто стручно лице, ќе се донесе јавно обвинителска одлука за тоа дали постои, каде и кај кого евентуална лична кривична одговорност за падот на хеликоптерот.