Истрагата ги расветли причините за пожарот во фабриката за пиротехника во Сопиште

Скопје, 18 Декември 2015

Директна изложеност на пламен од запалка е утврдената причина за пожарот во фабриката за пиротехника „ИЦЕ-МАК“ ДОО од Сопиште на 24.07.2014 година, во кој животот го загубија три лица. Ова го покажа истрагата спроведена од Основното јавно обвинителство – Скопје.

По наредба на обвинител, извршена е реконструкција на дел од производниот процес и експериментална потврда било утврдено дека само отворен пламен можел да го предизвика пожарот во фабриката, а со тој став се согласил и техничкиот советник на одбраната. Имено, за утврдување на точната причина за пожарот, вешти лица од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје анализираа неколку можни причини за запалувањето на припалните гази за производство на ЦС куршуми и солзавец во фабриката: статички електрицитет, слободна лебдечка прашина која се ослободува во процесот на кроење на газите, искра и отворен пламен.

Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител сослуша 10-тина сведоци, меѓу кои клучен бил исказот на еден од работниците во фабриката, кој како очевидец сведочеше дека слушнал звук од запалка непосредно пред пожарот. Запалката била употребена од едно од настраданите лица во пожарот. Воедно, при увидот на лице место пред просторијата е пронајдена запалка и мобилен телефон, кои му припаѓале на еден од загинатите работници, од чија почетна работна позиција беше утврдено дека започнал пожарот.

Меѓу другото, увидот извршен од надлежното обвинителство покажа дека работодавачот има изготвено Збирно работилничко упатство во кое се дадени лични мерки за заштита на работниците, како што е забрана за внесување цигари, запалки, алкохол, дрога, мобилни телефони, клучеви и други остри метални предмети во фабриката. Но, ваквите дадени забрани не се почитувале од страна на вработените. Дополнително, надлежниот јавен обвинител, врз основа на извршениот увид на Државниот инспекторат за труд и преземените истражни дејствија, оценил дека во фабриката постоеле низа пропусти во поглед на непридржување кон прописите за заштита при работа.

Како резултат на ова, надлежниот јавен обвинител поднесе Обвинение против одговорното лице – управител во фирмата „ИЦЕ-МАК“ ДОО за сторено кривично дело – Непреземање мерки за заштита при работа од чл. 170 ст.1 од Кривичниот законик, како и против правното лице „ИЦЕ -МАК“ ДОО за сторено кривично дело Непреземање мерки за заштита при работа од чл. 170 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

361 total views, 1 views today