Истрага за даночно затајување од околу 44 милиони денари

Скопје, 29 Декември 2015

Основното јавно обвинителство – Скопје по добиеното известување од Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција оформи предмет ​за извршено кривично дело – Даночно затајување од член 279 ст.2 вв со ст.1 вв со член 45 од Кривичниот законик. Според добиеното известување во периодот од 2010-2015 година лицето Ф.С. од Скопје, како сопственик и управител на Друштво за градежништво и трговија на големо и мало „Фарком Инжењеринг“ ДООЕЛ Скопје, подигнал лично за себе парични средства во износ од 80 милиони денари без притоа да пресмета и плати персонален данок од доход.

Надлежниот јавен обвинител до Бирото за судски вештачења издаде Наредба за изготвување на финансово вештачење на финансиската и сметководствена документација на друштвото. Наодите од вештачењето укажуваат дека лицето со намера во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и околности одбегнал плаќање на данок.Според искажаните податоци во деловните книги лицето во својство на сопственик, управител со неограничени овластувања, овластен потписник и одговорен за севкупното работење, давал лажни податоци за своите остварени приходи и приходите на правното лице, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметал и одбегнал да плати данок на додадена вредност, персонален данок од доход и данок од добивка согласно законските прописи, со што нанел штета на Буџетот на Република Македонија од околу 44 милиони денари.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор што беше прифатен од страна на судијата на претходна постапка ​со донесување на Решение за определување на притвор во траење од 30 дена.

540 total views, 1 views today