Основното јавно обвинителство – Велес поднесе обвинение против Градоначалникот на Општина Чашка

Скопје, 29 Јануари 2016

Обвинетото лице се гони за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 в.в ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, Основното јавно обвинителство – Велес утврди дека во временскиот период од 02.09.2011 год.до 30.04.2013 год.во својство на службено лице – Градоначалник на Општина Чашка, со искористување на својата службена положба и овластување, прибавил значителна имотна корист за Општина Чашка во вкупен износ од 4.058.566,00 денари, а на штета на оштетеното здружение Планинарско спортски клуб ”Солунска глава”- Велес.

Постапувајќи спротивно на одредбата од чл.5 ст.1 од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, осомничениот иако знаел дека Општина Чашка никогаш не била корисник ниту имател на планинарскиот дом Чеплес, на ден 02.09.2011 год. до Комисијата за легализација, од име на Општина Чашка, поднел барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект – планинарски дом. Исто така, спротивно на условите од чл.6 ст.2 ал.2 од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, иако бесправниот објект имал инфраструктурни приклучоци, но општината не поседувала доказ за тоа, ниту сметки за платени комуналии,како овластено лице – Градоначалник на општина Чашка, приложил Изјава заверена на нотар дека објектот планинарски дом Чеплес е изграден до влегувањето во сила на Законот.

По спроведената постапка од Комисијата за легализација на општина Чашка на ден 30.04.2013 год.потпишал Решение за утврдување на правен статус на бесправен објект – планинарски дом за КО Папрадиште, врз основа на кое е извршено запишување на правото на сопственост на Општина Чашка врз планинарскиот дом, кој по донесена Одлука за оттуѓување на Советот на општина Чашка од 03.06.2013 год.е продаден на лицето Љубчо Ѓорѓиев од Велес за сума од 4.058.566,00 ден.

394 total views, 2 views today