Основното јавно обвинителство – Велес ќе го истражува вчерашното разбојништво

Скопје, 09 Февруари 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес по вчерашното разбојништво во Велес во насока на утврдување на околностите на стореното кривично дело, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца скопјани и еден велешанец кој е недостапен на органите на прогонот. Сите три лица се осомничени дека сториле кривично дело Разбојништво од чл.237 од Кривичниот законик, а на првоосомничениот му се става на товар и кривично дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.

Настанот се случи вчера на ул. Алексо Демниевски Бауман во Велес кога двајцата скопјани, по претходен договор со велешанецот, одзеле 4.000.000,00 денари сопственост на Стопанска Банка АД Скопје. Според добиените насоки од третоосомничениот кој го следел возилото со пари, во моментот кога истото се доближило до договореното место, првоосомничените тргнале на пешачкиот премин пред возилото на Перпетуум мобиле. Возилото застанало да ги пропушти и во тој момент првоосомничениот со огнено оружје – пиштол преку прозорецот им се заканил на возачот и совозачот да не тргнуваат додека не им рече. За тоа време второосомничениот со рачка од пиштол го скршил стаклото од возилото и одземал четири кутии со пари. Двајцата напаѓачи со трчање се упатиле кон нивното возило кое по некое време им изгаснало и тие избегале во една од околните куќи. Во една од просториите го сокриле оружјето, а тие покривајќи се со дрвена врата се сокриле во простор под скалите, каде што и се пронајдени од стана на УПС – Велес.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд – Велес достави Предлог за определување на мерка – Притвор против осомничените.

377 total views, 3 views today