Соопштенија

Основното јавно обвинителство Гостивар ја расчистува тепачката меѓу навивачките групи на Будуќност и Шкендија

На ден 21.02.2016 година на магистралниот пат А2 Гостивар – Кичево, во близина на преминот Стража, на место викaно Сретков Мост, два автобуса со навивачи на женскиот ракометен клуб „Будуќност“ од Подгорица, Црна Гора, биле паркирани на проширен дел од патот. Во тој момент со полициска придружба поминувал еден автобус од вкупно 10 автобуси со навивачи на фудбалскиот клуб „Шкендија“ од Тетово. При разминувањето започнало каменување помеѓу двата автобуси на „Будуќност“ и едниот автобус на „Шкендија“, по што по пристигнување и на останатите автобуси со навивачи на „Шкендија“ и започнала групна тепачка помеѓу двете навивачки групи.

Во настанот 10 лица навивачи на женскиот ракометен клуб „Будуќност“ се здобиле со телесни повреди и едно лице се здобило со тешки телесни повреди. Од навивачите на фудбалскиот клуб.„Шкендија“ три лица се со телесни повреди.

Истражувајќи го настанот, надлежното Основно јавно обвинителство Гостивар врши сослушување на инволвираните лица. Во моментов дејствијата се насочени кон вкупно 14 лица и тоа за сторено кривично дело Учество во тепачка од член 142 од Кривичниот законик. Преземањето на активности од страна на надлежен јавен обвинител продолжува во насока на расветлување на настанот и утврдување на факти во предметот.