Соопштение

Скопје, 27 Јуни 2014

До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе кривична пријава против Никола Груевски за кривично дело – Противзаконито посредување по чл.359 од КЗ, кривично дело – Примање поткуп по чл.357 од КЗ и кривично дело – Даночно затајување по чл.279 од КЗ.

 

Во кривичната пријава се наведува дека во временскиот период 2003 и 2004 година како службено лице пратеник во Собранието на РМ и Претседател на ВМРО ДПМНЕ побарал и примил пари како подарок за да изврши во рамките на своето службено овластување, службено дејствие што не би смеело да го изврши, примил награда со искористување на својата службена и општествена положба и влијание за да посредува да се изврши некое службено дејствие, така што индиректно од лицето Јовица Стефановиќ Нини, побарал награда – износ од 1.500.000 евра за себе за да во рамките на своите службени овластувања и со искористување на својата општествена положба и влијание пратеник во Собранието на РМ и Претседател на ВМРО ДПМНЕ да посредува и влијае кај мнозинството акционери во Македонска Банка АД Скопје, да ги продадат акциите од 51 процент на Јовица Стефановиќ Нини, односно на негови фирми, така што по телефонски разговор со трето лице се договориле за цената и начинот на продажба на Македонска банка АД, да Јовица Стефановиќ Нини преку свои фирми ги купи акциите на Македонска банка за вкупен износ од 2.400.000 евра од кои преку сметки да плати износ од 900.000 евра, а останатиот дел во износ од 1.500.000 евра во денарска противвредност од 92.250.000,00 денари на име награда да ја исплати во готово преку посредници на пријавениот Никола Груевски, така што сукцесивно во периодот од месец ноември 2003 до месец ноември 2004 година пријавениот ја примил договорената награда во вкупен износ од 1. 500.000 евра и била извршена договорената продажба на Македонска банка за договорениот износ и од договорениот купувач, при што пријавениот со намера самиот да одбегне целосно плаќање персонален данок на кој е обврзан со закон дал лажни податоци за своите приходи кои се од влијание за утврдување на износи на обврска, на начин што во законски рок не ги пријавил приходите од влијание за утврдување на обврските во износ од 13.837,500 денари, кој износ е значителен.

Со цел да се проверат наводите во пријавата Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција изврши проверки, односно се обрати до Архивот на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Централниот депозитар на хартии од вредност, како и до ликвидаторите на Македонска банка АД и брокерската куќа Макброкер АД .

Од анализата на прибавените материјални докази произлегува дека нема основи на сомнение за сторено кривично дело – Противзаконито посредување по чл.359 од КЗ.

Имено, ова кривично дело го врши тој што ќе прими награда или друга корист со искористување на својата службена или општествена положба и влијание за да посредува за да се изврши или да не се изврши некое службено дејствие.

Евидентно е дека во текот на 2003 година Македонска Банка АД, согласно барањата на Светска банка, имала законска обврска да ги отуѓи акциите, заради што отпочнал и процес на разгледување и утврдување на динамиката и можностите за промена на акционерската структура во банката. За реализација на овој процес неопходно е добивање и на согласност од Народна банка на РМ која се изготвува по претходно доставено барање од заинтересираното правно лице и прибавена потребна документација со цел да се изготви релевантна анализа на сите финансиски, деловни и стратешки показатели кои би го оправдале таквото барање за промена на сопственичка структура.

Во конкретниот случај Народна банка на Република Македонија на 11.12.2003 година, постапувајќи по барањето поднесено од „Јака 80 АД Радовиш“ од 26.11.2003 година, кое барање се темели на претходно посебно донесени одлуки од заинтересираните правни лица, има издадено решение со кое е дадена согласност „Јака 80 АД Радовиш“ да се стекне со учество од 67,89 проценти во акции со право на глас во Македонска банка АД Скопје, кое се заснова на купување на акции од постоечките акционери на банката, со обврска трансакцијата за стекнување на акциите да се изврши во рок од 60 дена од денот на добивање на согласноста.

Процесот на промена на сопственичката структура е извршен во текот на месец декември 2003 година кога се извршени и нетрговски преноси од и на сметки за хартии од вредност на брокерската куќа Мак брокер ,,во ликвидација“, односно се извршени групни продавања и купувања на хартии од вредност.

По завршување на овие трансакции веќе во месец јануари 2004 година формиран е и започнал со работа новиот Управен одбор на банката, а продолжил и процесот на докапитализација на банката.

Сето ова јасно упатува на тоа дека процесот на промена на мнозинската структура во банката е завршен веќе во месец јануари и истиот се одвивал согласно тогашните законски прописи. Имајќи го во предвид наведеното, јавното обвинителство цени дека во конкретниот случај нема основи на сомнение дека пријавениот превзел дејствија на влијание и да за таквите дејствија примил некаква имотна корист.

Но и покрај тоа, иако нема докази да пријавениот влијаел врз било кого со било какви дејствија, доколку постоело влијание и посредување врз мнозинството акционери во Македонска банка АД Скопје, за да ги продадат акциите од 51 проценти на Јовица Стефановиќ Нини и обратно истиот да ги купи, евентуално би се работело за ставот 6 од чл.359 од КЗ, за кој според Кривичниот законик е запретена казна затвор од една до десет години.

Согласно чл.107 ст.1 т.3 од Кривичниот законик, доколку поминат десет години од извршување на кривичното дело, а во тој период не се преземе ниту едно процесно дејствие, во тој случај не може да се преземе кривично гонење.

Тоа значи дека кога е поминат овој рок јавниот обвинител нема никаков правен основ да превзема дејствија насочени кон проверки и истражување на било кој кривично правен настан, како што е и настанот наведен во кривичната пријава, дотолку повеќе што и кога е поднесена кривичната пријава застареноста на кривичното гонење веќе е настапена.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека од содржината на кривичната пријава не може да се утврди постоење на битни елементи на кривичното дело Примање поткуп од чл .357 од КЗ.

Имено, ова кривично дело го врши службено лице кое директно или индиректно ќе побара или ќе прими подарок или друга корист или ќе прими ветување за подарок или друга корист за себе или за друг за да изврши во рамките на своето службено овластување службено дејствие што не би смеело да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морало да го изврши .

Во конкретниот случај пријавениот Никола Груевски како пратеник во Собранието на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ го немал својството кое законот го бара за да во рамките на своите службени овластувања изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, а во врска со продажбата на акциите на Македонска банка АД Скопје и за тоа директно или индиректно да побара или прими подарок или друга корист или ветување за подарок или корист за себе или за друг.

Кривичното дело Даночно затајување по чл.279 од КЗ го врши тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, тој што дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во случај на задолжителна пријава не пријави приход односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски.

Согласно законските прописи даночни обврзници се правни лица кои се регистрирани како такви и кои во рамките на своето тековно работење остваруваат приходи кои можат да бидат предмет на пресметка и пријавување на даночна обврска, а воедно даночни обврзници се и физички лица кои за приходите остварени во рамките на воспоставениот работен однос, но и за сите други лични примања остварени по разни основи имаат обврска таквите примања да ги пријават и истите да бидат предмет на определување на висината на даночната обврска. Сето ова јасно упатува на заклучокот дека предмет на даночна обврска можат да бидат средства стекнати на законит начин, а како во конкретниот случај не постои основ на сомнение дека се примени парични средства, ниту на незаконит, ниту на законит начин на кои би можело да се пресметува данок, не може да се смета и дека таквата обврска е избегната.

Во прилог кон кривичната пријава доставен е само компакт диск, на кој според пријавата има снимен разговор , од кој се потврдуваат наводите во пријавата. Во самата кривична пријава не е наведено на кој начин е прибавен овој компакт диск. Несомнено е дека се работи за снимен телефонски разговор помеѓу две лица, но евидентно е дека за снимање на ваков разговор не постои наредба од надлежен државен орган донесено согласно законските прописи и во постапка согласно законот.

Она што како доказ се прилага кон кривична пријава не смее да биде прибавен на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на РМ, законот и меѓународните договори, ниту пак доказите произлезени од нив можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука.

Согласно амандман 19 и чл.17 на Уставот на РМ, загарантирана е слободата и неповредливоста на писмата и другите облици на комуникација. Од ова право може да се отстапи само врз основа на судска одлука донесено согласно одредбите на Законот за кривична постапка и Законот за следење на комуникациите. Евидентно е дека во периодот кој се наведува во кривичната пријава, а тоа е 2003 и 2004 година во РМ не постоел закон врз основа на кој би можело да се следи комуникација помеѓу лица. Законот за следење на комуникации е донесен во 2006 година (Службен весник на РМ бр. 121/2006 од 21.11.2006 година ) и оттогаш создадена е законска можност за примена на посебна истражна мерка – следење на комуникации, во услови кои ги предвидува законот.

Дополнително до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше доставено вештачење на глас, изготвено во Република Србија, како и извршен превод на тоа вештачење на македонски јазик, а врз основа на претходно наведениот компакт диск, кое вештачење е извршено без наредба на овластен орган. Со оглед на тоа да се работи за доказ кој е прибавен на незаконит начин, обвинителството не може да се впушти во правна анализа на истиот.

И покрај она што е претходно наведено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се впушти во проверка на основаноста на наводите во кривичната пријава и при тоа е констатирано дека во конкретниот случај нема елементи ниту основи на сомнение дека се сторени пријавените кривични дела, ниту други кривични дела за кои се гони по службена должност, а воедно имајќи ја во предвид констатираната застареност на кривичното гонење очигледно е дека во конкретниот случај постои околност која го исклучува гонењето, заради што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука за неповедување на кривичната постапка.

ОСНОВНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ГОНЕЊЕ

НА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

510 total views, 1 views today