Основното јавно обвинителство – Скопје апелира да не се изнесуваат шпекулации за смртта на девојката во Аеродром

Скопје, 11 Март 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје ги прибира информациите за расветлување на смртта на девојката во Аеродром, која почина откако падна од висококатница.  Се очекува доставување на комплетните податоци од страна на МВР на РМ – СВР Скопје  од делот на спроведените полициски истраги и прибраните известувања од сите граѓани кои имале сознанија за овој настан, а со кои претходниот ден беше извршен информативен разговор, како и од оние разговори кои дополнително ќе бидат спроведени во МВР на РМ во делот на предистражната постапка.

Во текот на вчерашниот ден беа обезбедени материјални траги и од такси возилото во кое била покојната ноќта пред нејзината смрт, кои по дадена наредба на ОЈО Скопје ќе бидат предмет на обработка од Одделот за криминалистичка техника при МВР на РМ со цел утврдување на траги со идентификационо значење – ДНК. Овој чекор е преземен во насока на откривање и обезбедување на материјални докази за постоење на евентуално кривичното дело и обезбедување траги кои потекнуваат од предметниот настан, а кои ќе може да се користат како материјални докази во текот на постапката.

Исто така се очекуваат комплетните резултати од Институтот на судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет кои постапуваат по дадени наредби од страна на ОЈО Скопје.

По прибирање на сите потребни известувања доколку за настанот се утврди постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело, ОЈО Скопје ќе ги преземе сите други потребни истражни дејствија заради разјаснување на целиот настан,  со цел утврдување на сите околности и обезбедување на докази во кривичната постапка.

Во интерес на водење на предистражната постапка во овој предмет, потребно е во јавноста да не се изнесуваат непроверени наводи и шпекулации од која било страна, а ОЈО Скопје по утврдувањето на нови релеванти околности, ќе ја информира дополнително јавноста до оној степен до кој тоа го дозволува принципот на тајност на предистражната постапка согласно член 289 од ЗКП.

174 total views, 1 views today