Соопштенија

Поднесен обвинителен акт против лекари за смртта на родилката во Гевгелија

По спроведената истражна постапка против четири лица, Основното јавно обвинителство – Велес денеска во Основниот суд во Велес поднесе обвинение против Т.В. – лекар специјалист – анестезиолог вработен во ЈЗУ Општа болница – Гевгелија, В.Ч. и Д.М. – лекари специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Општа болница – Струмица. Обвинетите се товарат дека сториле кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од чл.217 ст.2 в.в.чл.207 ст.1 од Кривичниот законик.

Обвинителството донесе Наредба за запирање на истражната постапка што се водеше против четвртото осомничено лице, кое во меѓувреме почина.

Обвинетиот В.Ч. ја повикал сега покојната да се јави на преглед на 22.10.2015 година, на што истата се одзвала. По извршените контролни прегледи не постоела ниту една медицинска односно клиничка индикација за породување, со оглед на тоа што веројатниот термин за породување на сега покојната бил 02.11.2015 година. Спротивно на Упатството за згрижување при царски рез донесено од Министерството за здравство на Република Македонија, обвинетиот ја известил сега починатата дека вечерта околу 19.00 часот ќе изведе оперативниот зафат – царски рез за нејзино породување.

Во закажаниот термин медицинскиот тим не бил комплетиран поради едночасовно доцнење на обвинетиот Т.В. кој пристигнал во видлива алкохолизирана состојба. И покрај ваквиот тек на настанот, обвинетите В.Ч и Д.М. не предложиле одложување на зафатот.

Обвинетиот Т.В. безуспешно се обидувал пациентката да ја воведе во анестезија со интубација, по што го повикал на помош својот колега – сега покојниот З.Ј. кој исто така бил во алкохолизирана состојба и направил неколку неуспешни обиди за интубација. Спротивно на Упатството за безбедна хирургија на СЗО, согласно кое предвидениот број на обиди за интубација не треба да биде поголем од 3, ниту да трае подолго од 10 минути, во случајов постапката траела речиси 30 минути, поради што смртта настапила како последица од задушување.

По преземените дејствија за реанимација на родилката, откако предходно во два наврати ја напуштиле операционата сала и пак се враќале, од страна на обвинетите В.Ч. и Д.М. е направен царски рез и од утробата на сега покојната е извадено новородено женско дете кое е предадено на неонатална медицинска сестра и на лекар педијатар. Обвинетиот Т.В. и врз новороденчето направил безуспешен обид за реанимација, но по десетина минути од породувањето и тоа починало.

Со овие дејствија обвинетите иако биле свесни дека нивното постапување може да предизвика штетна последица, се согласиле со истата и воопшто несовесно постапиле при укажување лекарска помош при процесот на породување. Со тоа предизвикале влошување на здравствената состојба кај родилката што резултирало со смртен исход на сега покојната и на новороденчето.