Соопштенија

Одобрено обвинение поднесено од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против девет лица

Во организирана акција координирана од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, навлезено е во трагите на криминална група што извршувала различни дејствија за продажба на наркотична дрога – марихуана. Девет члената група кривичните дела ги сторила во текот на 2015 и 2016 година.

По прибирање на доказите и завршување на истражната постапка, надлежниот јавен обвинител поднесе Обвинителен акт против шест лица за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а за останатите три лица – инспектор вработен во СВР Битола, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола и лекар – хирург од ЈЗУ Клиничка болница Др. Трифун Пановски, поднесен е Обвинителен предлог за сторено кривично дело – Примање награда за против законито влијание од член 359 став 2 од Кривичниот законик.

Првите шест обвинети по претходен договор на конкретен ден, како организирана група вршеле продажба на 2.878 грама дрога – марихуана. Притоа првообвинетиот стапил во контакт со обвинетиот – инспектор со цел да обезбеди алиби – доказ за евентуално кривично гонење при што во постапка би се тврдело дека конкретното лице не е сторител на кривичното дело. Инспекторот интервенирал кај обвинетото лице – лекар за издавање на потврда дека лицето е хоспитализирано. Во исто време на првообвинетиот – гонет за продажба на дрога, кој требало во конкретниот временски период да издржува казната затвор во КПУ Затвор – Битола по претходно изречена осуда, обвинетото лице – јавен обвинител му дал ветување дека ќе интервенира кај судиите од Основниот суд – Битола лицето да не биде повикано на издржување на казна затвор.

Поднесените обвиненија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се одобрени од Основниот суд Битола, со што продолжува кривичната постапка.