Основното јавно обвинителство – Тетово презема мерки за пронаоѓање на напаѓачите кои повредија четворица полицајци

Скопје, 10 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство – Тетово, во координација со СВР-Тетово презеде дејствија за расветлување на вчерашниот кривично-правен настан во кој при обид за лишување од слобода на осуденик беа нападнати и повредени четворица полициски службеници. При вршење на  увидот на лице место се пронајдени, фотодокументирани и подигнати за вештачење повеќе траги, а се преземаат и мерки за пронаоѓање на напаѓачите.

Во текот на ноќта, во полициска станица во Тетово е приведен и задржан еден 36-годишен тетовец Е.Ј., за кој постои сомнение дека учествувал во кривично-правниот настан и спречил службено лице во извршување на службена должност.

Имено, настанот се случи вчера попладне кога четворицата полициски службеници се обиделе да го лишат од слобода 40-годишниот И.И., кој се барал за издржување на едногодишна затворска казна. Тој се спротивставил и им дал отпор, а потоа со неговиот татко 69-годишниот А.И. и уште две лица физички ги нападнале полицајците. Таткото во нападот користел и метална шипка, со која на двајца полициски службеници им нанел тешки, а на другите двајца полесни телесни повреди.

Потешко повредените полицајци биле префрлени на скопските клиники, каде врз еден е извршен и хируршки зафат и тој се наоѓа во животно-загрозувачка здравствена состојба.

458 total views, 1 views today