Притвор за прилепчанец поради обљуба на немоќно лице

Скопје, 17 Август 2016

Основното јавно обвинителство – Прилеп донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, прилепчанец на возраст од 47 години, за сторено кривично дело Обљуба врз немоќно лице од член 187 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, за кој МВР ПС Прилеп поднесе кривична пријава до обвинителството, се сомничи дека на ден 18.07.2016 година околу 03,00 часот, злоупотребувајќи го заостанатиот душевен развој на оштетената извршил обљуба. Тој со неговото возило ја следел  оштетената која се движела пеш од Центарот на градот кон ОУ„Гоце Делчев“, по што ја понудил да влезе во неговото возило. Откако оштетената го одбила, насилно ја внел во возилото и ја однел надвор од градот, каде го сторил и кривичното дело.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, денеска надлежниот јавен обвинител против осомничениот поднесе Предлог за определување на мерката Притвор до судија на претходна постапка  при Основниот суд во Прилеп. Предлогот е прифатен со донесено Решение за определување на 30-дневен притвор за осомничениот.

331 total views, 1 views today