Соопштенија

Врховниот суд уважи Барање за заштита на законитоста во предмет за убиство во Штип

Врховниот суд на Република Македонија го уважи Барањето за заштита на законитоста, поднесено од Јавниот обвинител на Република Македонија, во предмет против едно лице од Штип кое се гонеше за кривично дело Убиство, од член 123 ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, Основното јавно обвинителство -Штип на 18.11.2013 година поднесе Обвинителен акт со кој лицето К.М. од Штип го товареше дека ноќта меѓу 6 и 7 јули 2013 година, со умисла го лишил од живот С.М. од Штип.

Според обвинителниот акт, обвинетиот, во дневниот престој на жртвата, со употреба на сила и тврд предмет во два наврати го удрил во пределот на главата, нанесувајќи му тешки повреди од кои оштетениот починал.

По одржаниот главен претрес, Основниот суд во Штип обвинетиот го ослободил од обвинение, поради немање докази. Апелациониот суд во Штип ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство – Штип и пресудата ја потврдил. Апелациониот суд во пресудата констатирал дека е неспорно оти обвинетиот бил во домот на оштетениот во критичниот период, но дека не постои сигурен доказ дека тој го извршил кривичното дело.

Врховниот суд на Република Македонија, уважувајќи го Барањето за заштита на законитоста, пресуди дека Основниот суд – Штип и Апелациониот суд – Штип со своите одлуки го повредиле Законот за кривична постапка и Кривичниот законик. Имено, според оценката на Врховниот суд, постојат бројни материјални докази пронајдени на лице место, отисоци од папиларни линии и други траги, кои како докази би можеле да посведочат за кривичната одговорност на обвинетиот и на кои судовите требало да им посветат посериозно внимание.