Реакција

Скопје, 26 Септември 2016

Почитувани,

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека во текстот под наслов „ СЈО и хистеријата во народното собрание“ на авторот г-ѓа Јасна Котеска, теоретичарка и универзитетски професор, објавен на страницата на Дојче Веле на 24.09.2016 година   ( http://dw.com/p/1K7YO), а преземен и од други медиуми, пишува:

„ Најнапред: правните факти. Според правниците, Основното јавно обвинителство уште од 2005, а цели 11 години не само што не доаѓало на собраниските седници за да даде отчет за својата годишна работа, туку во последниве години, Основното обвинителство веќе воопшто и не доставувало годишен извештај за својата работа до Собранието. Во една деценија владеење, од 2006 до 2016, ДПМНЕ успеало од земјава да направи правна пустелија, во која правните институции станале режимски декор, па повеќето народни пратеници од сегашниот состав на Парламентот ниту се сеќаваат, ниту лично учествувале во собраниски комисии на кои некогаш се разгледувала работата на Основното јавно обвинителство. “

Јавното обвинителство на Република Македонија најостро реагира на невистините изнесени во текстот, особено што истите се коментар на универзитетска професорка од која се очекува при обработка на било која тема и при коментирање да се потпре на законските норми и фактите.

Со цел јавноста да не биде доведена во заблуда, Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува дека Основното јавно обвинителство (ниту едно од сите дваесет и три основни јавни обвинителства во државава) немаат законска обврска за поднесување на Извештајот за нивното работење до Собранието на Република Македонија.

Имено, согласно Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) јавните обвинителства се организирани врз основа на принципите на хиерархија и субординација и тоа како Јавно обвинителство на Република Македонија, Виши јавни обвинителства (четири по број), Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основни јавни обвинителства (дваесет и две по број). Согласно член 23 од Законот за јавно обвинителство секое од обвинителствата изготвуваат Годишен извештај за своето работење и го доставуваат до непосредно повисоките јавни обвинителства. Јавното обвинителство на Република Македонија како највисоко обвинителство, изготвува единствен Годишен извештај за работата на сите јавни обвинителства.

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија го поднесува до Собранието на Република Македонија, едновремено за негово разгледување и до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, а за запознавање го доставува и до Владата на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и Министерството за правда.

Законската обврска, како и целосно Законот за јавно обвинителство се почитува и имплементира од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Секоја година во насока на имплементирање на законските одредби Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот е доставуван и разгледуван од страна на Собранието на Република Македонија, на седници согласно Деловникот за работа на Собранието. По покана од Собранието присуствувал претставник од Јавното обвинителство на Република Македонија. Разгледаните Извештаи се објавени на интернет страницата на Јавното обвинителство на Република Македонија – http://jorm.gov.mk/.

Извештајот за работа на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот за 2015 година е во Собраниска процедура.

Не навлегувајќи во натамошниот коментар и тврдења на авторот, Јавното обвинителство на Република Македонија со оваа реакција има интенција да ги појасни фактите, а со цел јавноста да не биде доведена во заблуда.

272 total views, 1 views today