Основното јавно обвинителство Скопје ја истражува сообраќајната несреќа во која загина деветнаесет годишно момче

Скопје, 10 Ноември 2016

Кривичната пријава за случената сообраќајната несреќа од 20 септември годинава, кога возач на патничко возило удри во сега починатото деветнаесет годишно момче Х.К. во Основното јавно обвинителство Скопје пристигна на 8 ноември.

Надлежен јавен обвинител веднаш започна со дејствија во насока на прибирање на податоци и утврдување на фактите.  Донесена е Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое е запретена затворска казна од најмалку 4 години. Побаран е извод од крим евиденција за осомниченото лице кое управувало со моторното возило, наредено е сообраќајно техничко вештачење и прибирање на потребни податоци. Надлежниот обвинител веднаш ги повика за давање исказ лице сведок на настанот и осомниченото лице.

Од досега преземените дејствија утврдено е дека во моментот на случувањето на сообраќајната несреќа осомниченото лице го управувало возилото со 2,43 грам промили алкохол во крвта и со неприлагодена брзина.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, како и дека има потреба за непречено водење на истрагата, надлежниот обвинител до судот достави Предлог за определување на мерка – куќен притвор за осомниченото лице и Мерки на претпазливост – Одземање на возачка дозвола и Забрана за издавање нова возачка дозвола за осомниченото лице. Предложените мерки беа прифатени од судијата на претходна постапка со донесување на Решение од Основниот суд Скопје 1 Скопје.

421 total views, 1 views today