Основното јавно обвинителство – Скопје работи на расветлување на убиството на малолетник на Матка

Скопје, 16 Април 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредби за спроведување на истражна постапка против две 19-годишни лица, осомничени за вчерашниот кривично-правен настан на скопска Матка, во кој при тепачка беше убиено едно малолетно лице.

Едното лице е осомничено за сторено кривично дело – Убиство, од член 123 од Кривичниот законик, додека второто е осомничено за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 од Кривичниот законик. Двете лица се лишени од слобода и против првото до судија на претходна постапка ќе биде поднесен Предлог за определување на мерка притвор, додека за второто лице ќе бидат предложени мерки за претпазливост.

Во исто време, надлежниот јавен обвинител работи на целосно расветлување на мотивите за кривично правниот настан, во кој освен убиеното момче, било повредено уште едно лице во блиско крвно сродство со убиениот. За таа цел издадена е Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредби за ДНК анализа, како и наредби за вештачење на сите траги и предмети пронајдени на лице место, а кои се во врска со кривично-правниот настан.

Освен двете осомничени лица, обвинителот сослуша и други три лица испитувајќи ги околностите во кои се случил настанот.

189 total views, 1 views today