Соопштенија

Увидот на местото каде е убиен Градоначалникот на Општина Боговиње е во тек

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово врши увид на местото каде околу 10.40 часот беше убиен Градоначалникот на Општина Боговиње.

Според првичните информации, осомничениот го паркирал своето возило во непосредна близина на Општина Боговиње и се упатил кон бурекџилницата од спротивната страна каде во тој момент седел градоначалникот на општината. По кратка расправија со градоначалникот, осомичениот испукал неколку куршуми со огнено оружје – пиштол кон него.

По настанот осомничениот, инаку поранешен вработен во Општина Боговиње, се упатил кон својот дом каде се обидел да си го одземе животот.

Градоначалникот, со возило е префрлен во Болницата во Тетово каде била констатирана смрт, додека осомничениот поради сериозноста на повредата е пренесен на КАРИЛ во Скопје и по наредба на јавен обвинител обезбеден.

Надлежниот обвинител до моментов издаде наредба за обдукција на телото на починатото лице, наредба за собирање на траги и доказен материјал од местото на настанот, како и наредби за криминалистичко – техничко вештачење.

За сите моменти од настанот што може да се споделат, јавноста ќе биде навремено информирана.