Реакција

Скопје, 09 Мај 2017

Јавното обвинителство истакнува дека во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи за документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија. Напротив согласно законот, јавното обвинителство дава наредби за откривање на истите и ќе постапи секогаш по сите кривични пријави со кои се документирани потешки  кривични  дела.

Воедно, секој кривично правен настан е посебен и не може да се повлекуваат паралели при постапувањето.

Известуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје досега има примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против сторители осомничени за насилно влегување во Собранието на РМ и  спречување на службени лица во вршење на својата функција.

До овој момент од Министерството за внатрешни работи не е поднесена документирана кривична пријава за ниту едно друго кривично дело. Потенцираме, Основното јавно обвинителство од Министерството за внатрешни работи нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување на лесни, тешки телесни повреди и други дејствија. Доколку Министерството за внатрешни работи поднесе  документирани пријави за  потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, спрема нив ќе следуваат сразмерни мерки.

Притоа, јавното обвинителство и самото презема дејствија за документирање на целиот кривично правен настан, иако со оглед на обемноста на бројот на претходно пријавени лица  и дејствијата кои треба да се преземаат, генерално, обвинителството работи во отежнати услови. Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, до овој момент јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање на сторители на потешки кривични дела, но за нив Министерството за внатрешни работи нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту обвинителството е известено за нивното постапување.

Од друга страна, повторувајќи  дека јавното обвинителство не ја опструира истрагата, појаснуваме на јавноста дека во откривањето на сторителите на кривичните дела, јавното обвинителство е лимитирано, пред се поради неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка што ги лимитира  можностите за улогата на јавното обвинителство во откривањето на криминалот. Оваа неусогласеност е по исклучива вина на Министерството за правда кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на јавното обвинителство  за измена на Законот за јавно обвинителство со кои би биле овозможени претпоставките за постапување на јавното обвинителство  во смисла и на откривачка улога.

157 total views, 2 views today