Соопштенија

Пресечен уште еден канал на нелегална трговија со марихуана преку Охридското Езеро

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека во континуираната борба со организираниот криминал, во содејство со Одделот за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија пресече уште еден канал на недозволена трговија на наркотична дрога и сузби уште една криминална група составена од албански и македонски државјани, која се занимава со неовластено набавување и продажба на наркотична дрога марихуана. Дрогата беше пренесувана преку водите на Охридското Езеро, од Република Албанија во Република Македонија.

Отворена е истрага за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик при што е одземена наркотична дрога марихуана во количина од 39 килограми.

Истрагата се води за четири члена група од која двајца македонски државјани. Во текот на вчерашниот ден се изведени пред надлежен судија на претходна постапка кој им определи мерка притвор во траење од по 30 дена. Двајцата албански државјани се во бегство.