Соопштенија

Соопштение

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека во постапувањето по предистражниот предмет оформен во врска со настаните во Собранието на Република  Македонија од 27-ми април 2017 година, започна со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања.

Во наредните денови тимот на јавни обвинители кој постапува по овој предмет во континуитет ќе повикува лица заради прибирање на потребни известувања, а ќе презема и други дејствија на прибавување на писмени известувања, докази и нивно проучување.

Обвинителството појаснува дека постапката по овој предмет е предистражна, што значи дека се прибираат докази заради оцена дали во настанот кој се истражува има дејствија и обележја на кривични дела и кои се нивните извршители, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука дали има основано сомневање за отворање на истрага.

Во секоја фаза од кривичната постапка, па така и во предистражната каде спецификата е посебно во тоа што се уште не се издиференцирани својствата на лицата кои се учесници во одреден настан, јавното обвинителство води сметка за почитување на личноста и пресумцијата на невиност на секое лице.

Лицата кои се повикани и кои ќе бидат повикувани во оваа фаза од постапката, се повикуваат според законските правила за повикување и испитување на сведоци за да како граѓани на барање на јавниот обвинител дадат известувања коишто им се познати за одреден настан.

Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица во смисла на тоа дали истите се носители на јавни или други функции, работни места и слично.

Ќе бидат повикани сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба,единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан.

За натамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана.