Јавен обвинител врши увид на две локации каде се пронајдени четири починати лица

Скопје, 25 Јуни 2017

Увидни екипи раководени од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вршат увид во куќа  во Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени телата на две починати лица.

Веднаш по завршувањето на увидот, екипите ќе се упатат кон селото Глумово, каде што се пронајдени телата на уште две лица. Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство. Исто така, првичните сознанија на истрагата укажуваат дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомнение дека ги лишило од живот останатите, пред да си го одземе животот.

Во настаните уште едно лице е повредено. Тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.

Во меѓувреме, до увидот, локацијата во селото Глумово се обезбедува со полициски екипи.

Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и утврдување на мотивите.

 

35 total views, 4 views today