Соопштенија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го предаде предметот „Сопот“ на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, за предавање на кривичниот предмет КО.бр.42/08 познат во јавноста како „Сопот“, побара од Советот на јавните обвинители на Република Македонија да се произнесе дали барањето е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство. Дотолку повеќе што надлежноста дефинирана во чл.2 ст.1 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации каде што како неовластено следење на комуникации е „неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до тоа обвинителство пред 15 јули 2015 година“. Со оглед на тоа што кривично правниот настан е случен пред 2008 година, поточно во 2003 година, ОЈО ГОКК сметаше дека предметот што се бара не е поврзан и не произлегува од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

По добиеното писмено Известување од Советот на јавните обвинители на Република Македонија од 04.07.2017 година, во кое нема донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека „ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, ОЈО ГОКК одржа Колегиум на јавните обвинители. На Колегиумот се заклучи предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да истото се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност.

Предметот до ова јавно обвинителство е доставен денес.