Основното јавно обвинителство – Гостивар ги истражува причините поради кои починала пронајдената жена

Скопје, 17 Септември 2017

Првичната информација со која започна увидот на лице место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар беше дека е пронајдена жена која настрадала како последица на сообраќајна несреќа. Сведоци виделе возило што го напушта местото на кое веднаш потоа е пронајден трупот.

Извршувајќи го увидот во соработка со увидна екипа, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Со присуство на екипа од крим техника е продолжен увидот и првично е констатирано дека пред ударот од возилото, сега починатата била неколку пати прободена со остар предмет. Во насока на истражување на околностите и трагите на лице место, јавниот обвинител издаде наредби за вршење на обдукција на починатата и за вештачење на трагите на лице место.

Испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на натамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и патарините во насока на пронаоѓање и утврдување на идентитетот на осомничениот. Дејствијата преземени од Основното јавно обвинитлство – Гостивар во насока на расветлување на настанот продолжуваат со цел утврдување на фактите во предметот.

68 total views, 2 views today