Соопштенија

Под истрага 24 лица за злоупотреба на Договори за закуп на земјоделско земјиште и исплата по Програмата за финансиска подршка во земјоделството​

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на денешниот ден спроведе координирана акција со МВР на РМ Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Акцијата за сузбивање на кривични дела против службената должност и овластувања сторени на штета на Буџетот на Република Македонија е спроведена во повеќе населени места на подрачјето на Скопје, Тетово, Гевгелија и Валандово.

Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 24 лица поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик. Со своето незаконско работење нанеле штета на Буџетот на Република Македонија во износ од околу 220.000 евра. Меѓу осомничените се 15 службени лица вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на ова министерство, а останатите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост.

Основаното сомнение е дека во периодот од 2011 година до 2016 година осомничените службени лица ја искористиле својата службена положба или овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања при склучување и раскинување на Договори за закуп на земјоделско земјиште. При преземањето на незаконитите дејствија биле помогнати од останатите осомничени лица. Во исто време, одобрувале исплата по Програмата за финансиска подршка во земјоделството – субвенции, на кој начин прибавиле корист за повеќе правни и физички лица на штета на Буџетот на Република Македонија.

Надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Предлог за определување на мерка притвор против седум осомничени лица.

За понатамошниот тек на истрагата, јавноста ќе биде навремено информирана.