Реакција на прилогот на ТВ Алфа

Скопје, 30 Ноември 2017

Јавното обвинителство на Република Македонија реагира наводите во прилогот „ЈО: Ако „сликарот“ е службено лице ќе го гониме ние, ако не, Чавков да си тужи сам“, објавен на Вашата телевизија од страна на новинарката Катерина Гетева.

Текстот на прилогот содржи целосно произволно толкување и несоодветно парафразирање на писмениот одговор даден од страна на прес-службата на Јавното обвинителство на Република Македонија на поставеното новинарско прашање.

Имено, на прашањето упатеното од страна на новинарката, Јавното обвинителство на Република Македонија испрати писмен одговор со следната содржина:

Членот од Кривичниот законик што го цитирате се однесува на одавање на службена тајна и не може да се поврзе со случајот на фотографирање на судското рочиште. 

Основното јавно обвинителство – Скопје по допрен глас отвори предмет за настанот што го споменувате, но со цел утврдување дали постојат елементи на сторено кривично дело – Неовластено снимање од член 152 од Кривичниот законик. Притоа, се утврдува дали делото е сторено во согласност со став 2 од овој член, односно дали го извршило службено лице во вршење на службата. Доколку ова се утврди, Основното јавно обвинителство – Скопје ќе постапува по службена должност. Доколку, пак, се утврди дека делото не го извршило службено лице, членот 152 регулира дека гонењето се презема само по приватна тужба.

Во рамките на истиот предмет се испитува и потеклото на фотографијата од Истражниот затвор – Скопје, која исто така се шири по социјалните мрежи.“

Во одговорот кој не е доследно цитиран, се прецизира дека Основното јавно обвинителство – Скопје има отворено предмет во врска со објавата на фотографиите и на него активно работи. Но, во согласност со одредбите на Кривичниот законик, доколку се утврди дека лицето кое извршило неовластено снимање не е службено лице, постапката единствено може да биде иницирана по пат на приватна тужба.

Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста, а во согласност со законските одредби кои овозможуваат право на реакција и демант, бараме да објавите исправка на информацијата изнесена во прилогот.

104 total views, 2 views today