Соопштение

Скопје, 20 Февруари 2018

Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство Велес  ја известуваат јавноста дека активно преземаат дејствија за утврдување на фактите во врска со случајот на штитеничката од ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје.  Имајќи предвид дека  постои јавен интерес за настаните поврзани со девојчето, а по кои постапуваат овие обвинителства, Јавното обвинителство истакнува дека информациите кои можат да се споделат во моментов се само оние кои нема да ја повредат тајноста на постапката согласно член 289 од Законот за кривичната постапка и одредбите од Глава 16 од Законот за правда за децата, која се однесува на заштита на детето како оштетено или сведок во кривичната постапка.

Во Основното јавно обвинителство Скопје се оформени предмети  по писмени известувања поднесени од Министерството за внатрешни работи по кои обвинителството постапува. Доставена е Наредба за проверка на наводите  од пријавите и за организацијата и работењето во установата. Повикани се и се врши сослушување на повеќе лица кои можат да придонесат кон утврдување на фактите  и за кривичната одговорност. Во врска со последните информации кои се однесуваат на поголем број штитеници од установата, Обвинителството достави  писмено барање до Министерството за труд и социјална политика со цел прибирање на потребни податоци.

Во Основното јавно обвинителство Скопје е отворен и предмет по поднесена кривична пријава од страна на родителите на девојчето, преку адвокат, против лица вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје,  а за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Велес постапува по предмет за кој веќе во јавноста беа објавени детали. По применото известување, обвинителството веднаш издаде Наредба за телесен преглед до Институтот за судска медицина. Во текот на вчерашниот ден до Обвинителството од страна на Министерството за внатрешни работи е пристигната кривична пријава против конкретен сторител. Постапката интензивно ќе продолжи со расветлување на настанот се до донесување на јавнообвинителска одлука.

Ве известуваме дека сериозно и со големо внимание се следат случувањата поврзани со штитениците од воспитно-поправните установи и целосно се придржуваме во напорите за институционално решавање на проблемот во насока за идно превентивно делување и спречување на девијантните појави, особено оние во кои се децата како жртви. Јавното обвинителство од аспект на своите законски надлежности ги презема потребните дејствија сите инволвирани кои евентуално сториле кривично дело да бидат доведени пред лицето на правдата.

139 total views, 1 views today