Продолжува истрагата за недозволено тргување со алкохол

Скопје, 14 Март 2018

Основното јавно обвинителство Кавадарци по допрен глас поради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело Недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра односно стоки од чл.60 од Законот за акцизи, отвори две предистражни постапки. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде насоки и наредби за прибирање на податоци и потребна документација во предметите.

Основното јавно обвинителство Кавадарци ја извести јавноста за пронајдените над 9000 литри ракија. Имено, во текот на изминатите денови извршен е претрес на повеќе локации при што во правното лице Анго – Вест од Кавадарци пронајдени се и одземени 2688 шишиња од еден литар до натпис „Стара жолта лозова ракија“, 2244 шишиња од 0,7 литри со етикета „Стара жолта лозова ракија“ и 4636 шишиња од 0,7 литри со етикета „Стара жолта ракија“.

Во правното лице Винарска визба „Повардарие“ – Неготино пронајдена е помала количина ракија со етикета „Вино Жупа“ од Србија. Во исто време од страна на јавен обвинител сослушани се лица вработени во Винарската визба „Повардарие“ од Неготино кои учествувале во производство и дистрибуција на пронајдениот алкохол. Издадена е Наредба за одземање на компјутерската опрема и документација каде се води евидентирањето на производството и продажбата на алкохолот.

За осомниченото лице до Судијата на претходна постапка е доставен Предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа одземање на патна исправа, возачка дозвола, забрана за преземање на работни активности во двете правни лица и јавување еднаш седмично во Основниот суд Кавадарци. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен од страна на Основниот суд Кавадарци и со Решение на осомниченото лице му се изречени предложените мерки.

Во тек се други активности што се преземаат во координација со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа, а во насока на прибирање на докази и расветлување на случајот.

135 total views, 1 views today