Изјава на Јавниот обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески

Скопје, 16 Март 2018

Како Јавен обвинител на Република Македонија ја осудувам постапката на дел од јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија за објавеното соопштение за кривичниот предмет во врска со трагичната смрт на 4-годишниот Алмир Алиу, бидејќи сметам дека таквото обраќање е непрофесионално и дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија. Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција.

Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција.

Јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и така треба да се применува.

Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство.

Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител  и се настојува да се влијае во одлуките по предметот, бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на Колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители.

120 total views, 3 views today