Основното јавно обвинителство Скопје ги отфрли кривичните пријави поднесени од страна на судија во Основен суд Скопје 1 – Скопје

Скопје, 07 Мај 2018

Постапувајќи по поднесени три кривични пријави против десет службени лица, надлежен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените нема битни елементи на кривични дела наведени во пријавите, ниту на други дела што се гонат по службена должност и со Решение ги отфрли пријавите.

Подносителот на пријавите судија од Основниот суд Скопје 1 – Скопје во обвинителството поднесе три кривични пријави против службени лица од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации од кои за десет лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 вв ст.3 вв ст.1 вв чл.22, за три лица и за кривично дело – Противправно присвојување на предмети при претрес и во постапка на извршување од чл.374 ст.1 вв чл.22 од Кривичниот законик. Со цел да се проверат наводите во кривичните пријави, надлежниот обвинител покрај материјалните докази, го испита и подносителот на кривичните пријави во својство оштетен и едно од осомничените лица.

Според прибавените докази, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации во тек на истражна постапка, доставило барање за издавање на наредба за претрес на дом и лице, како законски предвидено истражно дејствие. Со оглед на тоа што лицето за кое е побаран претрес е судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје, а заради постоење на висок ризик од нарушување на тајноста на дејствието и на предистражната постапка, барањето за издавање на наредба било поднесено до Основниот суд – Гевгелија, што е во согласност со воспоставената практика на Европскиот суд за човекови права.

Обвинителството утврди дека истражните дејствија на пријавените биле преземени согласно Законот за кривична постапка. При тоа оштетениот ги искористил правните лекови. Надлежниот обвинител оцени од кривично правен аспект не произлегува дека пријавените направиле било какви злоупотреби при спроведување на истражното дејствие.

55 total views, 1 views today