Поднесен обвинителен предлог за несовесно работење во службата на поранешен градоначалник

Скопје, 08 Мај 2018

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен прeдлог против едно лице за Несовесно работење во службата од член 353-в ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Обвинетиот се товари дека во својство на службено лице-градоначалник на единица на локална самоуправа при Општина Прилеп несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности.

Според обвинителниот предлог, осомничениот го извршил делото на начин што по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс за избор на директор на јавната установа во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години по дипломирањето, донел решение со кое за директор на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп избрал кандидатка која во времето на изборот имала работно искуство од 2 години и 6 месеци по дипломирањето и не го исполнувала посебниот услов предвиден во конкурсот.

Во истиот предмет, за лицето кое било избрано за директор со Решение беше отфрлена кривичната пријава за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст. 5 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Надлежен јавен обвинител утврди дека пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност.

Имено, во конкретниот случај не произлезе дека осомничената на некаков начин ја искористила својата службена положба или овластување, дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту пак ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или пак на штета на Буџетот на РМ. Надлежниот јавен обвинител утврди дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директор иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс ги сторил оној кој го извршил изборот.

157 total views, 1 views today