Соопштенија

Измена во Обвинителниот акт за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ги предвид изведените докази на главната расправа, а посебно предложениот нов видео доказ во дополнувањето на доказната постапка, оцени дека состојбата изнесена во писмено поднесениот Обвинителен акт е изменета.

Од тие причини, за обвинетиот С.С., јавниот обвинител на денешното рочиште во целост се откажа од Обвинителниот акт за кривично дело – Убиство во обид сторено во соизвршителство со други лица. Имено, поднесената нова видео снимка даде сосема поинаква слика за неговите дејствија во однос на пратеникот Зијадин Села.

Во исто време, надлежниот обвинител оцени дека за двајца од обвинетите, Ц.Ѓ. и С.П., состојбата исто така е променета и во нивните дејствија не се содржани елементите на кривичното дело од чл.123 ст. 1 во врска со чл.19 во врска со чл.22 од Кривичниот законик, туку се содржани елементи на кривичното дело – Насилство од чл.386 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

На денешното рочиште, надлежниот обвинител до судечкиот совет достави измена на обвинението за овие лица. Постапката против останатите обвинети продолжува без измени во Oбвинителниот акт.

Врз основа на дополнителните сознанија, обвинителството презема и понатамошни дејствија за целосно расветлување на настанот во поглед на оштетениот Зијадин Села.