Основно јавно обвинителство Радовиш​ изврши увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа двајца мигранти

Скопје, 26 Јуни 2018

Основен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Радовиш вчера во текот на доцните попладневни часови изврши увид на местото каде се случи сообраќајна несреќа со смртни последици.

До несреќата дошло кога ТМВ „Ивеко“ со скопски регистарски таблички со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде биле сместени мигрантите, при тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец.

Надлежниот јавен обвинител при увидот издаде повеќе наредби во насока на расветлување на кривично правниот настан. Издадена е наредба за преземање на дејствија за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно – техничко вештачење на возилото, наредба за обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на останатите лица – мигранти.

При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло.

По пружената медицинска помош дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

59 total views, 1 views today