Предлог за издавање казнен налог против двајца обвинети за неовластено снимање

Скопје, 04 Јули 2018

По спроведените истражни дејствија, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против две службени лица од КПУ Затвор „Скопје“во Скопје. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело Неовластено снимање од чл.152 ст.2 вв ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, на 30 ноември минатата година првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал оштетениот – поранешен функционер во МВР, искористил поволен момент и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал, притоа повредувајќи му ја приватноста. Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца униформирани полициски службеници.

Во предлогот за издавање на казнениот налог предложено е судот на обвинетите да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци, што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години.​

72 total views, 5 views today