Истражна постапка против девет лица за криумчарење мигранти

Скопје, 05 Октомври 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против девет лица, на кои им се става на товар дека сториле кривично дело – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење мигранти предвидено и казниво по член 418 – в став 1 и кривично дело – Криумчарење мигранти по член 418 – б став 1 од Кривичниот законик.

Имено, во текот на првата половина од 2017 година тројца од осомничените од користољубие создале и организирале група за вршење на кривично дело – Криумчарење мигранти, кон која подоцна се приклучиле и останатите осомничени. Групата во текот на 2017 година и првата половина од оваа година, организирала комплетно патување од матичните земји, преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до САД и Канада како земји на крајна дестинација.

Осомничените како организатори на криминалната група, откако ќе оствареле средба со потенцијалните мигранти, ги врбувале и го договарале начинот на обезбедувањето и висината на паричниот износ што се движела од 20 – 25 000 американски долари по лице, а се исплаќала по пристигнувањето на крајната дестинација.

Организаторите го планирале бројот на лицата што ќе бидат криумчарени, временскиот период, рутата по која ќе биде реализирано патувањето и локациите каде времено ќе бидат сместени мигрантите во текот на криумчарењето. За потенцијалните мигранти – македонски и албански државјани кои не можеле да добијат регуларни визи од Амбасадата на САД, обезбедувале фалсификувани документи, со резервирање и купување авионски и автобуски билети, како и со резервирање и плаќање на времено сместување на мигрантите во хотели, мотели и хостели во земјите од рутата.

Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со Решение им определи мерка притвор на седуммина од осомничените, а на двајца им определи мерки за претпазливост.

21 total views, 2 views today