Соопштенија

Поведена постапка и побаран притвор за петмина за кривично дело Насилство

Петмината осомничени биле учесници во физичка пресметка во Гостивар, каде на 14 ноември годинава, во 14.00 часот во центарот на градот, на прометната улица „Браќа Ѓиновски“ нападнале две лица употребувајќи физичка сила и дрвени палки. Мотивот за нападот е предмет на натамошно утврдување во истражна постапка која ја води надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.

За стореното кривично дело Министерството за внатрешни работи по спроведена акција лиши од слобода пет лица. Основното јавно обвинителство Гостивар  поведе постапка во која лицата ги гони за сторено кривично дело Насилство од  член 386 став 6 во врска со став 3, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Имајќи ги предвид видот и тежината на стореното кривично дело, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување на мерката притвор за сите петмина осомничени. Судот со решение го прифати предлогот на обвинителството, по што на тројца од осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена, а на двајца од осомничените им определи куќен притвор. Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска го обжали донесеното Решение на судот, во делот на определената мерка куќен притвор.