Притвор за извршител на тешка кражба во Прилеп

Скопје, 21 Ноември 2018

По поднесена кривична пријава од страна на МВР ПС Прилеп, во Основното јавно обвинителство Прилеп поведена е постапка против едно лице, државјанин на Република Албанија, поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Осомничениот ноќта на 20.11.2018 година, со употреба на сила искршил заштитна решетка од колонијална продавница лоцирана на ул.„Архиепископ Доситеј“ во Прилеп. Со намера противправно да одземе туѓи подвижни предмети, го искршил стаклото од влезно-излезната врата со соодветен алат и влегол во продавницата, при што бил затекнат од страна на службени лица на Полициската станица Прилеп.

Надлежен јавен обвинител ценеше дека идентитет на осомничениот во моментов не може да се утврди поради тоа што лицето не поседува никаков идентификационен документ и го нема регулирано престојот со негово пријавување пред надлежен орган, нема постојано место на престојување во Република Македонија. По влегување на територијата на Република Македонија пред околу 3 месеци, осомничениот престојувал во различни градови и објекти.

Од тие причини согласно член 470 став 1 точка 1 од Законот за кривична постапка, а поради постоење особени околности што укажуваат на опасност од бегство, од страна на Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд Прилеп е поднесен предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп го прифати предлогот на надлежниот обвинител, па со решение на обвинетиот му определи мерка притвор во траење до 8 дена.

27 total views, 3 views today