Соопштенија

Две лица под истрага за тешки дела против општата сигурност

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од чл. 292 ст.1 во врска со чл.288 ст.1 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител утврди дека постои основано сомнение дека лицата како соизвршители на 26.11.2018 година со пожар предизвикале значителна опасност по животот на еден оштетен и неговото најблиско семејство, како и поголема имотна штета на објектот – индивидуална станбена куќа и ресторан во сопственост на оштетениот.

Осомничените набавиле едно шише запаллива течност. Потоа едниот осомничен чувал стража, додека другиот со течноста го полеал внатрешниот дел од оградата на терасата на ресторанот и го запалил. Пожарот за многу кратко време се проширил од ресторанот до вториот кат на објектот, каде што престојувало семејството на сопственикот. Се работи на утврдување на мотивите за извршување на кривичното дело.

Ценејќи дека постојат околности кои укажуваат на страв од бегство и на страв дека осомничените можат да ги сокријат трагите на кривичното дело и дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица.

Дополнување

Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје донесе Решение со кое на едниот осомничен му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на другиот осомничен му определи мерка куќен притвор.