Основното јавно обвинителство – Прилеп донесе Наредба за спроведување истрага за едно правно и едно физичко лице за сторено продолжено кривично дело – Даночно затајување, Измама и Фалсификување исправа

Скопје, 19 Септември 2014

 

Основното јавно обвинителство – Прилеп донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно правно лице и одговорното лице во правното лице, поради основано сомнение дека сториле продолжено кривично дело Даночно затајување, продолжено кривично дело Измама и продолжено кривично дело Фалсификување исправа, сите од Кривичниот законик на Република Македонија.

Во временскиот период од 2010 год. до 2014 година, осомничените со намера да се одбегне плаќањето на посебна давачка – Данок на добивка за правното лице, дале лажни податоци и прикриле факти кои се од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски со книговодствено евидентирање на фиктивни фактури за повеќе правни лица. Со тоа било одбегнато да се пресмета и во Буџетот на РМ да се уплати данок на добивка во значителен износ од 1.476,483,00 денари. Воедно, за подигнати парични средства во готово од банкарската сметка на правното лице од страна на одговорното лице, кое ги искористило за сопствени потреби, не бил пресметан и во Буџетот уплатен персонален данок во значителен износ од 2.478.892,00 денари.

Во истиот временски период осомничените со намера за прибавување на противправна имотна корист ги довеле во заблуда одговорните лица во Управата за јавни приходи -Регионална дирекција во Битола со доставување на даночни пријави за повраток на ДДВ, кој повраток бил побаруван врз основа на 28 книговодствено евидентирани фиктивни фактури, со што на штета на Буџетот на РМ  бил извршен повраток на ДДВ во значителен износ од 5.257.663,00 денари, кој износ противправно го присвоиле. Осомниченото одговорно лице на правното лице направило лажни исправи – фактури, што биле употребени како вистински и книговодствено биле евидентирани во правното лице и искористени како основ за повраток на ДДВ и за намалување на основицата за пресметка на данок од добивка на правното лице.

Основното јавно обвинителство – Прилеп, сметајќи дека се исполнети законските основи, до судијата на предходна постапка во Основниот суд – Прилеп поднесе Предлог за определување на мерка – Притвор за осомниченото лице.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

669 total views, 3 views today