Поднесен Обвинителен акт против пет лица за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Скопје, 13 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесе Обвинителен акт против четири македонски државјани и едно лице со македонско и албанско државјанство. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 во врска со став 1, а едно од лицата е обвинето и за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 1 од Кривичниот законик.

По спроведување на опсежна истражна постапка и прибирање на обемен доказен материјал, обвинителството утврди дека од крајот на месец септември и почетокот на октомври оваа година, обвинетите со намера неовластено да вршат продажба на наркотична дрога – марихуана и кокаин превземале дејствија на неовластено купување, држење заради продажба, пренесување и организирање на продажба на наркотичната дрога. Наркотичната дрога марихуана во количина од 20.882,8 грама била набавена од НН лица од Република Албанија за 3.500 евра. НН лицата согласно договорот, ја пренеле дрогата спакувана во две вреќи на територијата на Република Македонија во околината на Струга од каде требало да се превезе до Скопје. Кај планинскиот превој „Стража“ на бензинската пумпа „Лукоил“, при претрес на возилото во кое се пренесувала, дрогата била пронајдена од страна на полициските службеници, а при личен претрес на еден од осомничените се пронајдени и 0,43 грама кокаин. Воедно, при претрес на дом на осомничен, биле пронајдени предмети со остатоци и траги од наркотична дрога кокаин, како и 22,27 грама кокаин, кеси со марихуана, 49,79 грама психотропна супстанца амфетамин, 10 таблети со лого „S“ кои претставуваат 3,4 наркотична дрога психотропна супстанција метилен диоксиметамфетин, 24,66 грама наркотична дрога психотропна супстанција фенитилин и 45 куршуми кои според карактеристиките се муниција со калибар 22LR од производителот SWARTKLIP од Јужноафриканската Република, изработени од оловен материјал и наменети за испалување на огнено оружје.

Во текот на истражната постапка одбраната на осомничените понуди предлог за спогодување со обвинителството. Надлежниот обвинител кој постапува во предметот имајќи го предвид кривичното дело што им се става на товар на обвинетите, како и фактот дека тројца од нив се веќе осудувани за истото дело, а првообвинетиот е на издржување на казна затвор во траење од 11 години за истото кривично дело, го одби предлогот на одбраната.

Со обвинителниот акт доставен е и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за останатите четири лица.

80 total views, 1 views today