Соопштенија

Поднесен Обвинителен акт и Обвинителен предлог против две лица за Криумчарење мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.3 в.в со ст.2 и обвинителен предлог за едно лице за помагање при извршување на истото кривично дело од чл.418-б ст.2 в.в со чл.24 од Кривичниот законик.
Oбвинителството утврди дека на 22.6.2018 година, второобвинетиот со намера да му помогне на првообвинетиот му го продал своето товарно моторно возило марка „Ивеко“. Потоа, 25.6.2018 година првообвинетиот во близина на с.Костурино, Струмичко, прифатил група од 23 илегални мигранти од кои 18 биле од Бангладеш и пет лица од Шри Ланка. Со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион, ги сместил мигрантите во товарниот дел од возилото и иако не поседувал возачка дозвола за управување на моторно возило, се упатил во правец кон Штип. Движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото, навлегувајќи и во товарниот простор каде биле сместени мигрантите. Во несреќата две лица починале, шест се здобиле со тешки, додека 15 лица се здобиле со полесни телесни повреди. Возачот побегнал од местото на несреќата.
Обвинителот, имајќи предвид дека околностите што постоеја во моментот на определување на мерката притвор се уште постојат, до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и барање за продолжување на мерката притвор за обвинетите.