Побаран притвор за државјанка на Турција заради криумчарење

Скопје, 20 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истрага против 27-годишна државјанка на Република Турција поради сторено кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничената на 18 декември, околу 20 часот на аеродромот во Скопје, избегнувајќи ја царинската контрола пренела непријавена стока-накит од бело злато и тоа дваесет и едно парче накит со вкупна тежина од 380.50 грама кои имаат вредност од 11.106.000,00 денари. Таа откако пристигнала со лет од Истанбул, се упатила кон излезот на преминот каде поминуваат патници кои немаат стока за пријавување. По што, при селекција од страна на царинскиот службеник и преглед на личниот багаж била пронајдена непријавената стока.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека се исполнети законските основи, па достави Предлог за определување на мерката притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје и со Решение е определен притвор против осомничената во времетрење од триесет дена.​

52 total views, 1 views today