Соопштенија

Поднесено обвинение за лице кое остварило профит преку дејност од здружение

Од страна на Основното јавно обвинителство Прилеп поднесен е Обвинителен предлог против одговорното лице на Здружението за промовирање на културните вредности во Пелагонија „Маркукуле“ – Прилеп поради сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 2 и во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот од  септември 2015 до декември 2017 година, како одговорно лице – Претседател, во вршење на неговите овластувања и должности  ја искористил својата службена положба и овластување со тоа што за себе и за други противправно прибавил поголема имотна корист. Имено,тој спротивно на член 12 и член 50 став1, 2 и 3 од Законот за Здруженија и фондации, како и спротивно на дејноста за која се регистрирани и целите определени во член 1 од Статутот на здружението, вршел профитабилна дејност. Осомничениот во наведениот период вршел медиумски услуги во форма на рекламирање на правни лица од стопанска и нестопанска дејност на интернет порталот www.markukule.mk сопственост на Здружението, со што се стекнувал со добивка која не ја употребувал за остварување на целите на Здружението. Остварената добивка ја распределувал за себе и за други лица поврзани со него, така што во вид на хонорари префрлал парични износи на својата трансакциска сметка во вкупен износ од 244.000,00 денари и на трансакциските сметки на уште осум лица во вкупна висина од 1.112.045,00 денари.