Отфрлена кривична пријава за новинар

Скопје, 26 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на писменото известување – кривичната пријава поднесена против едно лице за сторени кривични дела – Загрозување на сигурноста од член  144 став 4 во врска со став 1, Убиство на претставници од највисоките државни органи од член 309, Повикување на насилна промена на уставниот поредок од член 318 и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител ја анализираше објавената колумна на пријавениот, како и  неговите објави на една социјална мрежа кои беа предмет на известувањето доставено од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи. Заради оцена на наводите во кривичната пријава, пријавениот беше повикан на распит во Основното јавно обвинителство Скопје.

По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела.

Јавниот обвинител при донесување на одлуката, се водеше од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество, особено имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари. Пресудите на Европскиот суд упатуваат на фактот дека иако политичарите имаат право на еднаква заштита како и сите други, границите за новинарите се пошироки за изнесување на критицизам и мора да се избалансирани со јавниот интерес за отворена дискусија во однос на политички прашања.

Пријавениот, во својот исказ пред јавниот обвинител, потенцирал дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување.

Сепак, анализирајќи го предметот во целост, јавниот обвинител констатира дека слободата на изразување не е апсолутно право и дека пријавениот во изразувањето на своето мислење не ја негувал културата на говорот и етиката, па со тоа ги повредил честа и угледот на споменатите политичари.

Со оглед на тоа, во пријавените предметни настани не постојат обележја на кривично дело за кое се гони по службена должност, но тие би биле предмет на постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Како стварно надлежен за ваква постапка е основниот суд според местото на извршување на навредата.

99 total views, 1 views today