Соопштенија

Побаран притвор за осомничениот од Бутел кој продавал дрога

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека извршило кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик. Покрај донесената Наредба за спроведување на истражна постапка, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор против осомничениот.

Сторителот неовластено набавил дрога марихуана и ја држел во својот дом во скопската населба Бутел со намера за понатамошна продажба и стекнување на противправна имотна корист. Врз основа на судска наредба на 4 јануари годинава, во домот на осомничениот е извршен претрес при што е пронајдена поголема количина дрога спакувана во одделни пакувања, како и опрема за мерење  – дигитални ваги со остатоци од растителната материја. По наредба на дежурниот јавен обвинител извршена е анализа и вештачење на растителната материја и утврдено е дека станува збор за наркотична дрога – марихуана, со вкупна тежина од 295,3 килограми.