Соопштенија

Постапка против членови на организирана група за криумчарење мигранти

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи пресече организиран канал за криумчарење мигранти.

Надлежен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 21 лице за сторени кривични дела Криумчарење мигранти по член 418-б и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по член 418-в од Кривичниот законик. Осомничените се на возраст од  20 до 40  години од кои едно лице е полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Штип. Од осомничените 17 лица се лишени од слобода. Тројца во моментов се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е на издржување казна затвор за друго кривично дело.

Организираната група за криумчарење мигранти била формирана од петмина кои во мај 2018 година од користољубие создале и организирале  криминална група во која се приклучиле уште 15 лица. Групата го извршувала кривичното дело во континуитет до февруари 2019 година, за кој период надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  утврди повеќе кривично правни настани спроведени од организираната група за криумчарење мигранти.

Осомничените создале структура на групата со поделени задачи на членовите, во која имало организатори, лице за преземање на мигрантите – качак, чистачи, транспортери, извидувачи и слично. Организаторите на криминалната група по претходен договор со соработници – членови на криминална група од Грција планирале и договарале колкав број на илегални мигранти ќе бидат пренесени на територијата на Македонија, во кое време и на кое место ќе бидат прифатени од т.н. качак, со кои возила и како ќе бидат транспортирани. Дел од осомничените – чистачи преку конференциска врска користејќи Вибер апликација  и GPS координати,  имале задача да ги известуваат  останатите членови на криминалната група за  евентуална поставеност на полициските патроли на рутата по која се движеле возилата, по што веднаш биле менувани правците на движење.  Дел од осомничените остварувале комуникација со сега осомничен  полициски службеник од СВР Штип, а со цел добивање на известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи,  како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување. Мигрантите кои доаѓале од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, по краткиот престој во Грција  преминувале во нашата држава преку таканаречената „зелена граница“. Криминалната група, за сума од 150 до 300 евра по лице – илегален мигрант, вршела пренесување на мигрантите преку различни места за средба, однапред планиран број и видови возила и договорени рути,   се до кумановско липковскиот регион, селата Ваксинце и Лојане кон територијата на Република Србија и државите на Европската Унија.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  оцени дека постојат законските околности,  па  до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје  поднесе  Предлог за определување на мерка – Притвор  за 15 осомничени, како и предлог за определување Мерки на претпазливост за 5 осомничени лица.