Соопштенија

Истрага за неовластено пуштање во промет на марихуана пронајдена на задно седиште во автомобил

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице кое неовластено заради продажба држело наркотична дрога – марихуана. За лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 23.03.2019 година осомничениот управувал со автомобил Фоксваген Пасат кој не бил во негова сопственост и на крстосницата меѓу булеварите „Македонско-косовска бригада“ и „Босна и Херцеговина“ бил забележан од овластени службени лица на МВР дека поминал на запалено црвено светло. Притоа, му била дадена наредба да го запре возилото, но осомничениот побегнал, по што по радио врска била објавена потрага по него.

Со поставена блокада на регионалниот пат Скопје-Велес кај Трубарево возилото било запрено, а полициските службеници извршиле легитимирање на осомничениот, личен преглед и преглед на возилото. На задното седиште од автомобилот била пронајдена марихуана со вкупна нето маса од 3.247,6 грама спакувана во три пакувања.

Надлежниот јавен обвинител, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, ценејќи пред се дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство со цел да го избегна кривичниот прогон или да го повтори кривичното дело.